Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Еуропа Прима

проф. д-р Љупчо Коскаров одбележа 35 години уметничка, педагошка и творечка дејност

 

Со два концерта овој месец, проф. д-р Љупчо Коскаров одбележа 35 години уметничка, педагошка и творечка дејност. На концертите во Скопје и Кавадарци, тој настапи со своите долгогодишни соработници, пијанистите Јасна Аврамовска-Костенарова и Дарко Мариновски и тенорот Илија Белистојанов, изведувајќи атрактивна програма, со дела од македонското творештво, но и од светската музичка литература.

Проф. д-р Љупчо Коскаров од 1982 до 1999 е вработен како прв трубач во Филхармонијата, а во својата уметничка дејност, има реализирано голем број на музички настапи и проекти од скоро сите жанрови во музиката, класична, џез и поп музика. Покрај настапите во голем број градови низ Македонија и регионот, особено се издвојуваат настапите на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“ и тн.

Од 1986 година започнува со педагошка дејност во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, кадешто во два наврата бил и директор. Последнава деценија, реализира активност и во високото образование. Редовен професор е на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, кадешто е декан на Факултетот за применета музика. При тоа, успешно менторира дипломски, специјалистички и магистерски трудови, а со својот ангажман позитивно мотивира и поттиккнува креативност кај студентите, покажувајќи и голема умешност во комуникација со студентите и колегите, како и сензитивност кон инклузивниот пристап во работа со студентите кои имаат посебни потреби.

Во текот на својата долгогодишна педагошка дејност, добитник е на многу признанија и награди, кои говорат за големите достигнувања на учениците кои се школувале во неговата класа. Досега, повеќе од 50 негови ученици се носители на први награди како на национални, така и на меѓународни
државни натпревари. Неговите ученици денес се успешни солисти во
Филхармонија, Националната опера и балет и Воениот оркестар на Армијата, а голем дел се реализираат и како успешни педагози во неколку основни и средни училишта, како и на универзитети.

Покрај уметничката и педагошката активност, Коскаров остварува и плодна творечка и публицистичка дејност. Особено е значајна монографијата „Primary Education for trumpet in the Republic of Macedonia (Theory and Practice of Trumpet Education)“, која е објавена во Германија од престижната Ламберт академија-Берлин, во која тој, концизно и систематично ги обработува сите аспекти на образованието во Македонија, правејќи компаративен осврт со светските искуства. Книгата е достапна на штандовите на сите најпознати издавачки куќи во Америка, Европа и Азија. Во континуитет, со научни трудови учествува и на бројни научни конференции и симпозиуми во Македонија, Србија, Турција, Бугарија, Унгарија и Словачка.

Има издадено и неколку учебници – методики за труба,
оркестарски студии, популарни композиции за труба и пијано, како и фолклорни композиции, а реализира и неколку тонски записи во форма на ЦД со поуларни композиции за труба и гитара, како и поп и џез композиции.