Почина Димитар Николов – Таки
По кратко боледување, на 63 годишна возраст почина Димитар Николов – Таки, културен деец, филмски продуцент, доцент на Универзитетот ЕУРОПА ПРИМА и менаџер на дистрибутерската компанија “КТ Филм и Медиа“. Иницијатор за формирање на Балкан Синема Ситис и УМПАКИ, основач и претседател на АФИДИ, како и основач на МЗФП и Центар за филм Битола.
Роден е на 10 февруари 1958 година во Скопје. Средно училиште завршил во гимназијата „Цветан Димов“, во скопската населба Чаир, каде што и живеел, а дипломирал Историја на Филозофскиот факултет во Скопје. Магистрирал на Институтот Clingendael во Холандија 1989 година на политички науки. Бил новинар на весникот „Студентски збор“ во периодот 1978 – 1982 и новинар во весникот “Студент” од Белград 1982 – 84. Во тој период бил и менаџер на култните рок бендови „Мизар“ и „Бастион“. Во периодот 1982-1983 бил организатор на првите две изданија на Скопски Џез Фестивал. Исто така тој беше организатор, финансиер и реализатор на Мобил Фестивал – Фестивал на филмови снимани со мобилни телефони.
Живеел и работел во Холандија се до 2000 година. По враќањето во Македонија продуцирал неколку филмски проекти, меѓу кои играните филмови „Тајната книга“, по сценарио на Јордан Плевнеш и во режија на Владо Цветановски и “Ах љубов моја“, по сценарио и режија на Коле Ангеловски. Покрај тоа бил продуцент на кратките играни и анимирани филмови „Долу од рајот“, „Митот за Сара“, „Готлиб“, „А болката останува“, како и ко-продуцент на играните филмови „Жената на мојот живот“, „Скршено“, и „Банат“. Исто така Николов бил актер во неколку филмови меѓу кои долгометражниот игран филм „Прашина“, во режија на Милчо Манчевски, во краткиот филм „So Close“, во режија на Вито Бонев, Бугарија како и во анимираниот филм „Готлиб“ во режија на Крсте Господиновски.
Николов во 2015 година беше поставен за директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а кај љубителите на филмот ќе остане запаметен како најскромниот директор на фестивалот. Во 2017 година магистрирал Продукција на Интернационалниот Универзитет ЕУРОПА ПРИМА во Скопје, каде што потоа беше избран за Доцент и шеф на катедрата „Филм и дигитални медиуми“.
Од името на Интернационалниот Универзитет ЕУРОПА ПРИМА, изразуваме искрено сочуство до семејството и пријателите на Димитар Николов – Таки.
„Интернационален универзитет Еуропа Прима“ – Скопје