Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Еуропа Прима

Како да се дофати вечноста

Picture

Претставата „Вечна куќа“ со која се отвори Стариот театар го воспева животот и уметноста, потсетувајќи не’ дека историјата е само фрагмент
Сунчица Уневска, Утринскински Весник

Ништо не може да биде исто во една куќа која е сведок на изминувањето на вековите, во куќа низ која поминале толку животни судбини, толку различни светови и случувања, во една куќа чии одаи се преполни со приказни. „Сопственоста е фикција“, ќе извика авторот Јордан Плевнеш на крајот на приказната за „Вечна куќа“, упатувајќи неверојатно силна порака, не само за нас, не само за Македонија, туку за целиот свет. Чија е куќата која стои како нем сведок, низ која протатниле толку народи, такви историски пресврти, среќни и несреќни мигови, тажни и весели настани, чија е куќата, која е преполна со духови, во која индивидуалната меморија се судира со колективната. Може ли некој со сигурност да каже дека ова е негово парче земја, парче кое во себе носи толку многу спомени.


„Вечна куќа“, грандиозната и епска претстава во режија на Дејан Пројкоски, а според драмскиот текст на Јордан Плевнеш, со која прексиноќа започна со работа Стариот театар, односно новото репрезентативно здание на МНТ, донесе неверојатна енергија, донесе една поинаква поетика, раскошна визуелност, моќен настап на осумдесетина актери и мноштво перформанси. „Вечна куќа“ е претстава која на моменти заслепува со своите идеи, со многубројните кореографски и сценски решенија, со играта со светлината и подвижноста на сцената, со моќноста тука на едно место да ги долови на свој начин амбиентите на Њујорк, Париз, Ерусалим. Тоа е претстава за вечноста и за прашањата кои се вечно присутни, за идентитетот, за љубовта, за уметноста, за Господ, за историјата, но и за местото на сите оние дејци кои оставиле силна трага зад себе. Како да се зачува вечноста и дали е можно тоа, како да се зачува среќата за своите најблиски, како да се најдат корените, како да се гледа во иднината?
Копнежот и желбата на главната хероина Стела Бенвениста се оние што ја водат цели 63 години, додека на ѕидот на плачот во Ерусалим секој ден го носи своето ливче барајќи ја куќата која петстотини години е во владение на нејзиното семејство. И кога по толку време ќе и’ се оствари желбата и како 83-годишна старица ќе тргне за Скопје без своите лекови, кои веќе не и’ се потребни да ја одржуваат во живот, ќе се најде во вителот на светските случувања, ќе се најде во вителот во чие средиште се крие прашањето за вечноста, прашањето во кое се прекршуваат светската и македонска историја. Како Стела да го пронајде во нив своето загубено детство, своите сеќавања, како да му донесе мир на своето семејство. А како, пак, нејзиниот адвокат Поплавски, специјалист по меѓународно право, да излезе на крај со сите оние духови кои сметаат дека имаат право на куќата или право на свое место во вечноста.

Беше тоа вистински театарски празник и вистински настан за отворањето на еден ваков објект, кој не само што требаше да ја врати меморијата за едно време, меморијата за незаборавниот Стар театар што беше урнат во земјотресот во 1963 година, туку треба да биде и музеј на нашата театарска, но и, воопшто, на историјата на ова парче земја. Преполна со енергија, со љубов, со посветеност, преполна со динамика и движење на самата сцена, оваа претстава успева да донесе многу емоции, успева да ве натера да се пронајдете во неа, но и да го донесе чувството на флуидност, на недофатливост. Чувството на блискост и на најголема далечина и чувството на далечност и при најголема близина. Едноставно, претставата пулсира со еден неверојатен ритам кој носи толку многу живот, толку приказни, верувања, исчекувања, но и кошмари и стравови, кој го носи животот и вечните прашања проткаени во него.

Претставата „Вечна куќа“ е многу долга, нешто повеќе од три часа, но таков е и нејзиниот приод кон историјата, кон неправдите, кон повторувањето, кон прашањата кои никогаш не престануваат. Но, и покрај должината, мора да се каже дека изненадува инвентивноста во сценските и визуелни решенија, кои се на моменти толку моќни што успеваат и сами за себе да наметнат енергија, да наметнат емоции. Надополнувајќи ја, секако, прекрасната приказна за Стела Бенвениста, за нејзините копнежи, сонови, очекувања, за нејзините сто клуча, чие преоткривање не можела да го предвиди ни во сонот.

Искра Ветерова е фасцинантна во улогата на Стела, на жената која се судира со такви предизвици кои колку што носат тага, толку носат и животна вистина. Младата Дарја Ризова (Естел) го носи полетот, вербата и онаа силна младешка убеденост дека се’ ќе се среди само ако во тоа пресилно верувате, додека Драгана Костадиновска како Естреја на извонреден начин ја носи својата бунтовност, реалност, љубов и трагање. Тони Михајловски во улогата на адвокатот на многу точен начин ја дозира целата енергија со која го работи проектот за Стела или проектот „Вечна куќа“ и, секако, целиот ансамбл, кој така сплотено и со таква енергија успева да направи вистинска театарска симфонија.

Беа тука и доајените на македонското глумиште без кои овој настан немаше да биде ист. Ристо Шишков се појави на сцената, во улогата на неговиот син Васил Шишков, барајќи ја својата духовна револуција. Беше тоа ноќ за паметење, која на најдобар можен начин започна да испишува една нова театарска историја, но можеби и да не’ натера за миг на поинаков начин да погледнеме н
а историјата. Беа тука и нашите соседи, министри за култура и нивни заменици од Црна Гора, Бугарија и од Косово, беа тука и претставниците на УНЕСКО, но и Педро Кудел, почесниот конзул на Македонија во Лисабон, во чија куќа, како што рече авторот Плевнеш, пред 12 години почнал да ја пишува оваа драма. Драма која во многу нешта треба да донесе пресврт, а која Јордан Плевнеш им ја посвети на своите браќа Љубе и Владо Цветановски.

Така сакаме и да ја паметиме, како нешто кое ќе ги воспева животот и уметноста, и во кое историјата е само фрагмент, кој секаде и секогаш се менува, онака како што оваа нова сцена со најсовремени технички перформанси се менуваше за време на претставата. Одлична работа, покрај Дејан Пројкоски, завршија и сценографот Валентин Светозарев, костимографот Благој Мицевски, авторот на музиката Горан Трајковски и гостите-кореографи Александар Илиев од Бугарија и Сташа Зуровац од Хрватска, како и дизајнерот на светло со светско реноме Денис Шешниќ од Хрватска. Како што, впрочем, и рече Сташа Зуровац, дека со отворањето на овој театар се отвора нова ера, и тоа не само во македонскиот театар. Посакуваме така и да биде.