Составот на Универзитетот, покрај факултетите, го сочинуваат и два института – Институтот за аудиовизуелни уметности, кој со својата дејност е насочен кон музичката уметност, филмската уметност и тонската продукција и Институтот за сценски уметности, чие поле на интерес се театарот и танцот.
Институтите, како научни единици на Универзитетот, со своето функционирање и дејност се наметнуваат како одговор на сè поголемата потреба за збогатување на домашната и регионална научна мисла со нови идеи и нови аспекти на размислување, поврзани со актуелните трендови и случувања на полето на аудиовизуелните и сценските уметности. Имено, дејноста на Институтите е фокусирана кон научно проучување на културолошките појави, пред сè во земјава, но и пошироко, поттикнувајќи го и организирајќи го проучувањето на прашањата од културолошките облчасти и разработувајќи ги и усовршувајќи ги истражувачките методи во истите.
Дејноста на Институтите се базира врз етичност, оригиналност, иновативност и интердисциплинарност во изборот на истражувачките методи и техники, кои секогаш се во чекор со најновите научни гледишта, дилеми, сознанија и достигнувања.
Една од основните задачи на Институтите е да работат на усовршување на научните кадри и да обезбедуваат материјални и други услови за студиска и истражувачка работа, како и да организираат собирање на документација за изведување на практична настава и вежби на наставата на факултетите на Универзитетот.
Покрај тоа, Институтите организираат и разни форми на работа со стручни кадри, заради нивно оспособување за самостојна научна работа, а организираат и претставување на проблемите од областа на културолошките области по пат на советување, дискусии и други погодни форми.
Значаен дел од нивното функционирање е издавањето публикации. По остварувањето на значаен фундус на уметнички дела во рамките на наставните и воннаставните активности на Универзитетот, Институтот за аудиовизуелни уметности го покренува издавањето на научното списание „Линк“, со меѓународна редакција составена од еминентни уметнички и научни дејци од својата област. Списанието, фузионирајќи ги сите уметнички области во една целина, видена низ призмата на научен аспект, создава поле за аналитичко, компаративно, критичко, историско и теориско разгледување. Од самиот почеток, тенденцијата на ова списание е негување на висок степен на професионализам, граден врз европските норми на истражување, пишување и конципирање на трудовите.