Тел: +389 2 3061543 | Факс: +389 2 3067 609 | Следете нѐ на:

a

Еуропа Прима

Интервју на Константин Плевнеш во Слободен печат

Picture

Париз некогаш и сега

Филм што пред моите очи се претвори во реалност

Константин Плевнеш

Сѐ почна во 1988. Имав 5 години кога првпат ја видов париската есен, неколку дена пред мојот влез во основното училиште L’Arbalète како прваче, во срцето на Латинскиот кварт покриен од златниот мантил на паднатите лисја, на неколку чекори од улицата Mouffetard, која некогаш била река. Сѐ беше како во сон. Сигурно затоа не ми пречеше фактот дека живеевме во еднособни станови, во кои немаше детска соба ни за мене, ни за брат ми, ни спална за моите родители. На пример, првиот стан на улицата Fer à Moulin не беше поголем од 15 квадратни метри, но се наоѓаше во еден од најавтентичните делови од Градот на светлината.
Не ми требаше долго време за да станам парижанец, за три месеци зборував француски како да ми беше мајчин јазик. Париз е мој град, го делам со повеќе од 2 милиона жители, безброј туристи, ги знам сите негови тајни улици и урбани богатства, ги сретнав сите негови легенди и модерни револуционери, како Милан Кундера, Жан Ложје, Пјер Беарн, Питер Брук, Жак Селер, Омер Калеши, Клод Дервен, Жак Лакариер, Мишел Раби, Елијас Петропулос и неодамна изгаснатите генијални карикатуристи Кабу и Волински во авангардните барови како La Palette, на улицата De Seine.

Не можам да ги заборавам еротските цртежи на Волински, хуморот, сарказмот и оптимизмот на Кабу од уникатното списание „Charlie Hebdo“. Волински велеше дека ротизмот е изворот на ликовната уметност, спасот за модерните цивилизации и на универзалната култура кои се во голема опасност. Симболот на Голата Жена беше неговото најголемо оружје против стравот и теророт во каква било форма. Популарниот париски жаргон беше неговиот мајчин јазик и затоа сите генерации го разбираа и го сакаа. Бев само дете, но тие ми зборуваа како да сум возрасен и реализиран интелектуалец, се ставаа на мое ниво, беа вечни деца. Не можам да го заборавам Кабу, кој секогаш се обидуваше да нѐ насмее како деца, преку една пертинентна наивност и луцидна детска иронија. Првиот пат кога го сретнавме во барот „La Palette“ повеќе се дружеше со нас децата отколку со родителите. Имам чувство дека беше вчера. Времето помина толку брзо, како детството или како падот на птицата стрелана во лет. Како ладнокрвните убиства од 7 јануари, во трагичниот почеток на оваа година кој ќе остави траги и лузни на невините лица на универзалната слобода и европската колективна меморија. Како прераната смрт на мојот вечен голем брат, Васил Шишков, и на моите вечни ментори Љубе, Владо и Сашо Цветановски, со кои минувавме покрај Националната библиотека во времето кога се подготвуваше снимањето на „Тајната книга“ и кога го запознавме Жан Клод Кариер, легендата на светскиот филм, пријателот на Луис Буњуел и на Милош Форман, во чијшто двор во деветтиот арондисман ги слушавме неговите прекрасни монолози за смислата на светската историја.
Во еден миг сѐ може да се промени, и невозможното станува реалност. Еве како, по 26 години од мојот париски живот, конечно сфатив дека смелоста е најголемото оружје против стравот. Не само што треба да се осмелиме да ги реализираме нашите соништа од демократските утопии, туку исто така мораме секојдневно да се бориме против сопствените слабости, како лицемерието и омразата, кои нѐ спречуваат да ја постигнеме заедничката цел на градење мир. Осмелете се да го кажете тоа што го мислите, без насилство. Уништете го насилството во вас. Бидете спокојни и смели, не плашете се од вашите верувања. Имате право на глас, кој и да сте. Но, немате право да ги судите тие што не мислат како вас. Карикатуристите на списанието „Charlie Hebdo“ како Кабу и Волински беа најголемите париски примери на смелост и духовна храброст, но исто така на хумор, позитивност и самокритика. Едноставно не се плашеа од сопствената жед за вистина, во општество во кое владее апсурден конзерватизам кој се храни од лаги и површни идеали како материјализмот и нарцисизмот, бегајќи од сопствениот спиритуален одраз во огледалото на егзистенцијализмот. Да не го спомнувам расизмот, или стравот од различни култури, кој со векови го збогати западниот свет и уништи древни цивилизации, жртви на слепиот националистички егоцентризам.
Две децении по крвавиот бран атентати во 1995 година, имено во метрото на станицата Saint-Michel, Париз повторно доживува параноичен страв и интензивен стрес. Тогаш имав 13 години, се сеќавам на сопствениот страв и на колективниот хаос што владееше во градот. И сосем нормално е во толку голема метропола да се очекува најлошото. Но, стравот не е решение. Мора да го претвориме во креативност. Во таа смисла еве еден клучен детаљ: темата на мојот прв француски долгометражен филм, што го подготвувам речиси една година со врвни соработници, е поврзан со првиот бран терористички напади, кои оставија длабока трага во моите сеќавања и не можев да поверувам во коинциденцијата со актуелните настани изминатава недела во Париз. Работам на филм што се претвора во реалност пред моите очи. Како несвесно да чувствував дека пак ќе се повтори неприфатливото.
Утрото со главниот глумец работевме на неколку секвенци од филмот, без да знаеме што ќе се случи за неколку часа во просториите на „Charlie Hebdo“. Бевме потресени кога разбравме за убиствата, сфативме дека работиме на големо дело. И сосема случајно овој нов бран атентати се одвиваше за време на православната Божиќна вечер, на 7 јануари, токму затоа со Марија, мојата вечна љубов, одлучивме да го надминеме стравот и да излеземе да прославиме, иако беше строго препорачано да се остане затворен д
ома. Улиците беа празни, еден чуден мир владееше и се ширеше во ноќниот воздух. Париз беше наш и секогаш ќе биде. Тоа беше нашиот прв интимен Марш на љубовта во Градот на светлината, 4 дена пред големиот официјален Марш на слободата. Истиот мир, истата хармонија ја најдовме чекорејќи рака во рака со милионите Французи, од плоштадот Republique до собирот на плоштадот Nation. Стравот беше победен од силата на позитивната смелост што нѐ соединуваше сите. Смелоста на мислата за да се надмине насилството. Како смелоста на уметничкото дело што го претставува моќниот карикатурен стил на генијалците од „Charlie Hebdo“. Во таа визија, урбаната уметност е директното наследство на карикатуристите како Шарб, Кабу, Волински и Тиниус. Насекаде во Париз можете да уживате во глетката на ремек-делата нацртани од анонимни улични уметници кои ги изразуваат нивните најдлабоки мисли и чувства. Париските ѕидови станаа јавни галерии, бесплатни списанија, нови телевизиски екрани што ја прикажуваат слободната уметност и нејзините идилични хоризонти.
Долго време се занимавам со Street Art, или улична уметност, проучувам графити од секаде низ светот, ги фотографирам и ги прикажувам како класични уметнички дела, верувам во нивното револуционерно значење. Таквиот тип уметност не се признава во конзервативните и во елитни кругови на глупоста. Уличните уметници не се платени и постојано ризикуваат казни и насилство од страната на државниот авторитет. Но, продолжуваат да творат бидејќи не се плашат. Никој не може да ги спречи да се изразуваат преку оваа нова визуелна естетика со цел да го победат стравот тајно заробен во бетонот на сивите градски ѕидови. Нивните дела се виножито од надеж и пораки со длабока и суптилна улична поетика. Никој не може да го убие сонот на урбаната уметност, како ни сонот за слободата на печатот. Тие ќе се множат на сите страни од светот, мора безгранично да ги штитиме и да ги развиваме во Скопје. Исто така е и со хуморот, еротизмот и со креативноста – должност ни е да се отвориме кон гласовите на позитивната смелост, која ќе нѐ ослободи од стравот и од Насилството.
Ослободете се од лагата што ве присилуваат да ја прифатите како вистина. Бидете смели и обединети, верувајте во убавината на единството, престанете со слепиот конзерватизам и оставете ги уметниците да творат во мир. Бидете толерантни, не мразете и не судете, не предавајте им се на стравот и на омразата. Не предавајте ѝ се на рамнодушноста. Бидете како уметноста, раздадете се. Бидете свој сопствен медиум. Надминете се. Прифатете се едни со други, колку и да сте различни. Простете си. Само така еден ден ќе може Скопје да наликува на Градот на светлината, Париз, градот во кој мојата тага се прероди во инспирација за смелост. Не се плашам веќе да пишувам на македонски, мојот мајчин јазик кој никогаш не сум имал среќа да го учам во училиште, се осмелувам да бидам тврдокорен уметник (со париски стил), кој кога поминува покрај мостот Мирабо, што го опеа Гијом Аполинер во истоимената песна:
„Под Мостот Мирабо тече Сена и нашите љубови;
Треба ли да се потсетиме со откорнато срце;
Дека радоста доаѓа после големата тага“.

Со оваа песна, пред моите очи како на филм поминаа сите плоштади на Париз, што ги носат имињата на уметници од сите меридијани, како Моцарт и Шопен, како Махмуд Дарвиш и Луис Армстронг Сачмо, Ела Фиџералд и Цезар Ваљехо или писателите на изгубената генерација или индиските, кинеските и јапонските писатели, тоа е Париз на моето детство и на мојата младост. Да живеат смелоста, еротиката, хуморот и слободата! Да живее Љубовта.

Константин Плевнеш
Ексклузивно за „Слободен печат“ од Париз


Константин Плевнеш, македонски синеаст кој од својата петта година живее во Париз. Автор е на поголем број документарни и кратки играни филмови, прикажани на фестивали во Европа и во светот: „Планета Баир“, „Милчин – Прв чин“, „Автобиографија на Човекот Гулаб“, „Имагинарно пријателство во градот на Кафка“ и други. Во духот на париските сатиричари, работи на серијалот „Македонски урбани еротски приказни“, според истоимената книга на Кирил Пенушлиски.